Блокирани пристаништата во Пиреја и Солун
Целосно се блокирани пристаништата во Пиреја и во Солун. Вработените се во штрајк, запрен е транспортот на стоката. Дополнителен проблем за бизнисмените претставува најавата дека ќе се штрајкува и викендов, со што контејнерите со робата ќе останат блокирани...

Работата на грчките пристаништа во Атина и Солун и натаму е блокирана. Вработените кој што штрајкуваат веќе две недели, најавија дека штрајкот ќе продолжи и викендов. Бараат владата да ја повлече одлуката за приватизација што беше донесена на барање на Тројката.
Штрајкот создава проблеми како за товарните бродови, така и за крузерите. На солунското пристаниште во моментов има околу 14 бродови и 60 камиони, а близу 3.000 контејнери чекаат за да бидат товарени, и уште толку за истовар.
На пристаништето Пиреја во Атина утре се очекува да пристигнат околу 13.000 патници од седум крузери кои што ќе се соочат со проблеми.
Претставниците на бродските компании, кои што се противат на штрајкот, предупредуваат дека ова ќе има сериозни последници како за туризмот, така и за грчката економија воопшто. Синдикатите пак најавија дека работниците нема да се вратат на работа се додека нивните барања се игнорираат.
Марија Котовска- постојан дописник од Атина за МРТ
