Димитриев: Рудникот „Саса“ успешен пример на стопанисување
Инвестирање во опрема, подобрување на условите за работа – 10 години од рестартирањето на рудникот „Саса“. Премиерот Димитриев вели дека оваа гранка е важна за равојот на земјата и мора дополнително да се вложува. Најави дека рудникот „Злетово“ ќе се рестартира за еден месец, потоа и „Тораница“...

Рударството е важно за развојот на земјата, особено внимание ќе посветиме на овој сектор- порака од премиерот Емил Димитриев при посетата на рудникот „Саса“ на 10-годишнината од неговото рестартирање. „Саса“ ќе ангажира над 700-тини луѓе, директно, и уште 150-мина индиректно, што според надлежните, значи обезбедување уште минимум 15 години сигурно работење на рудникот.
Досега, вели Димитриев, владата склучила договор за геолошки истражувања со 300 компании, а веќе се издадени 200 дозволи за експлоатација. Објави дека во тек е огласот за продажба на рудниците „Злетово“ и „Тораница“.
„Саса“ е еден од 5-те најголеми рудници за цинк во Европа. Директорот Александар Раков вели дека има услови за добар бизнис.
Нов инвестициски цилус од 1,8 милиони евра ќе има Македонска Каменица. Во тек е изградба на патот Кочани- Каменица- Делчево, проект вреден 6 милиони евра.
Во последните неколку години, во градот се реализирани над 150 инфраструктурни проекти.
Миле Ристески
