Казни за непочитување на новата минимална плата
Историски успех кој по долги години стана реалност...
Историски успех кој по долги години стана реалност, вака Владата ги претстави усвоените измени на Законот за минимална плата. Процесот на зголемувањето ќе има тригодишна динамика. Ќе се реализира од март годинава до март 2016. Дотогаш минималецот треба да стигне до 10. 080 денари.
„Ова ќе придонесе за поголема мотивираност и подобар живот на граѓаните кои се вработени во дејностите што ја примаат најниската плата, но ќе се оствари на начин што е одржлив за претпријатијата и за работодавачите, со што заеднички ќе продолжиме да остваруваме позитивни економски резултати, односно стопанството да оди напред, претпријатијата да остваруваат профит, а работниците да добиваат поголема плата.“ изјави Зоран Ставрески, министер за финансии.
Во кожарската и во текстилната индустрија, минималната плата ќе се изедначи со другите дејности во 2018 година. Според вицепремиерот за економски прашања Пешевски, законското решение е значаен чекор напред и за работниците и за работодавачите.
„Ова е јасен доказ за нашата ориентираност како Влада да бидеме во постојана комуникација со синдикатите и компаниите, да разговараме за сите предизвици и да наоѓаме решенија што ќе бидат во интерес на граѓаните. “ изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски
Во услови кога секаде има драстично намалување на платите и на работните места, Македонија е пример за институционален социјален дијалог кој дава конкретни резултати, велат од Синдикатот.
„Ако ја споредиме платата во Република Македонија и пред донесувањето на Законот за минимална плата во висина некаде од 4500 во текстилната до 5500 во останатите гранки, доволно може да се утврди за каков напредок зборуваме. “ Изјави Живко Митревски, претседател на Сојузот на синдикатите
Работодавачите ќе бидат обврзани да ја зголемат минималната плата. Ќе има контроли. Казните за непочитување на законот ќе се движат од 7 до 8 илјади евра.
Ана Јосифоска
