Венецуела на раб на пропаст

13.06.2016 12:26

Народот гладува. Нема струја. Фабриките не работат. Остатоци од храна се собираат по улиците.

Венецеуела преживува еден од најтешките моменти во својата историја. Народот гладува. Нема струја. Фабриките не работат. Остатоци од храна се собираат по улиците.

„Ако не излезам надвор, моите деца денеска ќе немаат што да јадат.“

„Чекам во ред со часови за да добијам храна. И на крајот ништо. Оттука земам што ќе најдам“, велат жителите.

Стапката на инфлација, од сегашните 180 насто, се предвидува дека до крајот на годината ќе достигне вртоглави 700 проценти. Сѐ повеќе очајни граѓани бараат смена на претседателот. Заедно со опозицијата се обидоа да ги срушат и онака разнишаните темели на Мадуро. Собраа потписи за покренување референдум. Но, последната изјава на Мадуро ги урна сите нивни надежи.

„Немаме веќе време за тоа да се организира сега. Референдум би можело да се организра најрано во 2017 година“, изјави Мадуро.

Ваквата негова изјава доаѓа откако Државната изборна комисија објави дека меѓу досега собраните потписи имало 600 илјади, кои таа ги означи како „невалидни“. Опозицијата обвини дека изборната комисија е „инструмент на власта“.

„Станува збор за повеќе од потребните 197 илјади потписи, собрани се 1 милион 850 илјади. Една третина од нив ги поништија. 600 илјади граѓани се огорчени поради тоа. Нивниот потпис е неважечки“, вели Џисус Тореалба, генерален секретар на венецуелската опозициска коалиција.

Земјата е еден од водечките производители на нафта, но сега се наоѓа во тешка политичка и економска криза. Мадуро со своите левичарски политики тешко се справува со проблемите и предизвиците.

 

Бојана Крстевски