Реакции од светот за масакрот во Орландо
Реакции и осуди стигнуваат од целиот свет за масакрот во Орландо во кој загинаа 50 луѓе. 29- годишниот Американец од авганистанско потекло Омар Матин повреди 53 лица во ноќен геј бар на Флорида. По тричасовната заложничка драма беше застрелан во престрелката со полицијата.

Реакции и осуди стигнуваат од целиот свет за масакрот во Орландо во кој загинаа 50 луѓе. 29- годишниот Американец од авганистанско потекло, Омар Матин повреди 53 лица во ноќен геј бар на Флорида. По тричасовната заложничка драма беше застрелан од полицијата.
„Во еден момент бевме во клубот, а сега треба да го погребаме. Без да размисли, без да погледне наоколу, почна да пука по целиот клуб. Слушав како се кршат шишињата во барот“, вели сведок на трагичниот настан.
Мотивот за нападот не е познат. Но таткото на Омар изјави дека неговиот син неодамна реагирал многу жестоко откако видел двајца мажи кои се бакнувале во Мајами.
Поранешната сопруга на Матин откри дека причина за разводот биле психичката нестабилност и избувливиот карактер.
„Во почетокот беше нормален и духовит, се грижеше за семејството, но неколку месеци откако се венчавме, почна да се менува. Се разбеснуваше без причина. Почна да ме малтретира физички, ми забрани да зборувам со семејството“, изјави поранешната сопруга на Матин, Ситора Јусуфиу.
Според Имамот Мусри, Матин бил редовен на молитвите, но и многу повлечен.
Американскиот претседател Барак Обама го класифицираше овој напад како најстрашен во современата историја на САД.
„Се уште ги проверуваме сите факти. Истрагата е отворена. Непознати се мотивите на убиецот. ФБИ со право отвори истрага за теориризам. Јасно е дека човекот бил полн со омраза“, рече претседателот Обама.
Најверојатниот кандидат на Републиканската партија за американски претседател, Доналд Трамп, на Твитер напиша дека имал право кога предупредувал на радикалниот исламски тероризам. „Она што се случи во Орландо е само почеток. Нашето раководство е слабо и неефикасно“, оцени Трамп кој повика претседателот Барак Обама да поднесе оставка, а Хилари Клинтон да се повлече од претседателските избори.
Нападот го коментираа и повеќе државници од светот.
„Ужаснати сме од омразата и злото од една личност која одзеде над 50 човечки животи. Иако ваквите фатални инциденти не обвиваат во тага, ние ќе продолжиме да живееме на отворен и на толерантен начин“, изјави германската канцеларка, Ангела Меркел.
Јапонскиот премиер Шинзо Абе им изрази сочувство на сите државјани во САД и нагласи дека ја поддржува борбата на Обама против тероризмот.
Во тек е крводарителска акција, организирана за повредените во инцидентот. Сочувство и поддршка дадоа и учесниците на геј парадата во Лос Анџелес. Десетици луѓе се собраа и во Сао Паоло во знак на солидарност на убиените во Орландо.
