Стопанска комора и МЖ- Транспорт бараат деблокада на Солунското пристаниште

13.06.2016 15:06

Стопанска комора и Македонски железници бараат деблокада на Солунското пристаниште. Испратија ургентен допис до повеќе грчки институции, како и до евроамбасадорот во земјава Аиво Орав за нивно соодветно вклучување, за итно разрешување на состојбата со блокадите во Солунското пристаниште.

Македонското стопанство трпи милионски штети од блокадата на Солунското пристаниште. Робата е заглавена, не може да се реализираат договорите. Се бара алтернатива во Варна, Бургас, Драч, Бар и Риека, но трошоците за транспорт преку овие пристаништа се за трипати повисоки.

„Доколку продолжат блокадите, доколку не сме во можност да ги реализираме однапред договорените нарачки, ќе се соочиме со несветла иднина. Имено, од највисоката категорија како добри добавувачи, ќе станеме лоши добавувачи ќе се најдеме на дното на листата“, вели Ирена Јакимовска, сопственик на компанија.

Штети трпат и Македонски железници– Транспорт. Ваквата ситуација се одразува врз работењето на претпријатието.

„Дирекната штета изнесува 3 милиони евра, а ако се земат предвид и индиректните штети, односно штетите од нереализираните договори, односно од обновените договори со нашите домашни и странски коминтенти, штетата може да достигне до 5 милиони евра“, вели Никола Костов, генерален директор на МЖ- Транспорт.

Стопанската комора на Македонија бара во решавањето на проблемот да се вклучи и Европската унија.

„Испратен е ургентен допис до Унијата на грчките индустриски и трговски комори, до Железничката управа на Република Грција, како и до Управата на пристаништето во Солун, а исто така и до евроамбасадорот Аиво Орав, за негово соодветно вклучување во реализирањето на поставената цел“, изјави Јелисавета Георгиева, извршен директор на Стопанска комора.

Од Стопанска комора велат дека македонските компании сѐ уште ја прават пресметката. Не се открива дали ќе бараат  обесштетување од пристаништето во Солун. Таму за утовар и истовар засега чекаат 25 бродови. Додека домашните компании чекаат, грчките вработени на пристаништата во Солун и во Пиреја прогласија нов, 48 часовен прекин на работата.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска