Дурент одново незадржлив, за осма победа на Оклахома
Кошаркарите на Оклахома Сити продолжуваат со победоносната серија...

Кошаркарите на Оклахома Сити продолжуваат со победоносната серија, откако ја совладаа Атланта со 111:109. И покрај тоа што настапија без повредениот Перо Антиќ, гостите го контролираа резултатот се до завршната четвртина, која Оклахома ја доби со 32:22, и со пресврт го доби натпреварот. Кевин Дурент имаше уште една блескава партија, во која постигна 41 поен, со 5 погодени од 7 обиди за тројка, 4 скокови, 5 асистенциии и три блокади. Кај гостите, седуммина остварија двоцифрен број поени, а најзабележителен беше Пол Милсап, со 23 поени и 8 скокови.
Од шесте натпревари одиграни рано изутрина, на домашен терен славеа уште кошаркарите на Јута, против екипата на Сакраменто, со 106:99. Шестмина ’’џезери’’ постигнаа најмалку по десет поени, а тројца остварија ’’дабл дабл’’ ефект. Дерик Фејворс постигна 17 поени и 12 скокови, Марвин Вилијамс придонесе со 16 поени и 11 скокови, а резервистот Џереми Еванс, со 14 поени и 10 освоени топки под обрачите. Кај ’’кралевите’’ од Сакраменто исто така имаше шестмина со двоцифрен ефект, од кои Џејсон Томпсон го заврши мечот со 19 поени и 11 скокови.
Во најнеизвесниот дуел, Бруклин загуби дома од Торонто, со 103:104. Најзаслужен за победата на единствениот канадски клуб во НБА беше Кајл Ловри, со 31 поен, 5 скокови, 7 асистенции и дури 5 украдени топки. Кај домаќините, недоволни беа 33 – те поени на Пол Пирс, со што Бруклин го претрпе само вториот пораз во последните 11 настапи.
Покрај Торонто, гостите се вратија со гостински победи во уште три натпревари. Во најефикасниот натпревар, Феникс ја победи Филаделфија со 124:113, предводен од Џералд Грин со 30 поени, а кај домашните, Картер – Вилијамс постигна 22 поена. Минесота славеше во Чикаго со 95:86, благодарение на Кевин Лав, кој имаше 30 поени, додека кај поразениот тим, Карлос Бузер постигна 10 помалку. Најубедлива победа оствари ЛА Клиперс, на гостувањето во Милвоки, со 114:86. Џамал Крафорд постигна 25, а Блејк Грифин 20 поени, а меѓу индиспонираните домашни кошаркари, турскиот интернационалец Ерсан Илјасова, придонесе со 16 поени.
Во источната конференција и натаму Индијана има најдобар ефект, со 34 победи и 9 порази, а на западот, Оклахома Сити води со 36 победи, и 11 загубени натпревари.
