Ќе се одржи ли лидерска средба?

13.06.2016 16:26

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски вели дека немаат ништо против, но бараат добро да се подготви состанокот. На иста линија се и во ДУИ и СДСМ, но не и ДПА. За Мендух Тачи, лидерската нема да понуди излез од политичката криза...

ВМРО-ДПМНЕ не е против одржување лидерска средба, но за тоа е потребно претходно да се знае темата на разговорите и да се направат подготовки за да биде успешна, смета лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, Груевски. Вели дека досега никој не ги контактирал за евентуален состанок на лидерската четворка.

„За секоја лидерска средба треба да има точно утврдена тема и добри подготовки, инаку ќе заврши неуспешно и тоа не е добро. Прво, за нас не е добро бидејќи секогаш нас не прогласуваат за виновни ако таа заврши без успех, а второ не е добро ниту за граѓаните затоа што тоа станува главна тема неколку дена, па во текот на денот е клучна тема и на крајот ако заврши неуспешно доаѓа на некакво општо разочарување“, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Од СДСМ повикаа на лидерска средба зашто, според нив биле исполнети двата предуслова, а тоа се одложувањето на изборите и поништување на аболицијата. Тие сметаат дека ако има политичка волја може лесно да се исполнат и условите за предвремени избори наесен.

„Желбата и политичката волја се категории кои очиглено не се присутни кај владејачките структури. Нив им одговара да се задржи статус кво и им одговара Република Македнија да нема демократски избори“, изјави Петре Шилегов, СДСМ.

Во ДУИ немаат ништо против да се одржи лидерска средба, но сметаат дека таа треба добро да се подготви.

„Ние треба да создадеме политички амбиент во земјава, тие избори да бидат кредибилни и да бидат признаени, било од внатрешните политички партии, било од меѓународниот фактор“, вели Рафиз Алити од ДУИ.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, смета дека лидерска средба нема да понуди излез од кризата. Тој посочи дека е потребно  да се формира широка коалициска влада и одржување парламентарни избори во редовниот термин.

 

Игор Панов