Летонската оперска дива Елина Гаранча ќе го отвори „Охридско лето“

13.06.2016 16:34

Со уште еден спектакл на Античкиот театар ќе биде отворена најголемата музичко-сценска манифестација во земјава- фестивалот „Охридско лето“. Оперската дива Елина Гаранча од Латвија ќе биде годинашната звезда на фестивалот, кој од 12-ти јули до 20-ти август на едно место ќе ја собере светската музичка и драмска елита.

Со настапот на светски познатата оперска дива од Латвија, Елина Гаранча ќе биде отворено годинешното 56 издание на Фестивалот „Охридско лето“. Оваа примадона во последната деценија се смета за една од најсветлите точки на светската оперска сцена,  а на Античкиот театар ќе настапи со оркестарот на Македонскта опера и балет.

„Елина Гаранча е оперска звезда со исклучително високо реноме, певица која критиката ја нарекува „Изведувач кој со сигурност ќе им се приклучи на великаните“. Уметник кој редовно настапува во Метрополитен операта во Њујорк, Виенската опера,  операта во Франкфурт, Париз и на оперските сцени ширум светот“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.

Звездите што ќе настапат во музичкиот и драмскиот дел од програмата Охрид ќе го претворат во вистинска културна метропола.

„И оваа година продолжуваат нашите долгогодишни заложби, во текот на 40-те фестивалски денови да имаме квалитетна и атрактивна програма,  исполнета со врвни светски уметници. Така и оваа година имаме повеќе ексклузивни проекти со учество на светски имиња, кои што всушност ќе го одбележат ова фестивалско издание“, вели Гордана Јосифова- Неделковска,музички селектор.

„Оваа година е во знакот на славењето на големиот Шекспир, 400 години од неговото заминување во некои други сфери. Целиот свет го слави и се разбира должност е на Охридско лето како дел од големото семејство на театарски фестивали и големи интернационални фестивали да го даде својот придонес славејќи го овој великан“, изјави Ѓорѓи Јолевски- драмски селектор.

За вредноста на Охридско лето низ годините многу говори тоа што Амбасадата на Кралството Шпанија го номинираше фестивалот  за престижната награда „Принцес оф астуријас аворд“, на чија листа на лауреати се Франсис Форд Копола, Рикардо Мути,  Леонард Коен и многу други значајни имиња од светот.

 

Сашо Нелоски