Работодавачите пред ново решение за ангажман на сезонски работници

14.06.2016 15:44

Македонските работодавци пред ново решение за ангажман на сезонски работници. Со ваучери се поедноставува плаќањето придонеси. Искуствата се од Европската унија, нагласија на денешниот состанок во Прилеп, работодавците од Ресен, Битола, Прилеп, Кавадарци и Велес. Предлогот ќе стигне до економско-социјалниот совет...

Воведување систем со ваучери за плаќање на придонесите на сезонските работници, предлага македонската организација на работодавците. Според оваа асоцијација, досегашното решение во Законот за работни односи не е добро и прецизно, има проблеми со задржувањето на сезонците, а казнените одредби се стоги.

„Системот на ваучери е едноставен. Значи, за тој ден се склучува договор за работа со одредени права за работникот, околу работното време, некои основни работнички права, а плаќањето на придонесите се прави со лепење на тој ваучер на самиот договор. На тој начин државата ги зема своите придонеси, но на еден поедноставен начин“, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија

Се користи хрватското искуство, а системот со ваучери се применува и во Шпанија и Португалија.

Според работодавците, во Македонија има над 20.000 сезонски работници, најмногу се ангажираат во земјоделството, угостителството, прехранбената индустрија и градежништвото.

Бенефитот е подеднаков и за државата, работодавците, синдикатите.

„Државата би елиминирала добар дел од сивата економија, фирмите-нелојалната конкуренција, а синдикатите би добиле дел од заштитата на овој невидлив дел на вработени кои нормално физички ги остваруваат работите, но не можат да остварат никакви бенефити, ниту законска заштита“, изјави Томе Петкоски од секторот прехранбена индустрија.

Проектот, поддржан од Европската комисја, асоцијацијата ќе го оформи во септември и ќе го поднесе до Економско-социјалниот совет на Македонија за да се изјаснат сите социјални партнери.

 

Елизабета Митреска