Вицепремиерот Ставрески поднесе оставка
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески поднесе оставка. Здравствени проблеми се причината поради која се откажува од обавување на функцииите, наведува во дописот до премиерот...

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески поднесе оставка, како што вели во дописот до премиерот Димитриев- од здравствени причини.
„Здравствените проблеми со кои се соочувам и советите на лекарите упатуваат на тоа дека постои неопходност од подолго лекување и опоравување, заради што јас нема да сум во можност да ја обавувам функцијата министер за финансии и потпретседател на владата на Република Македонија“- напишал во оставката досегашниот вицепремир.
Според најавите, на негово место премиерот Димитриев ќе го предложи актуелниот директор на Управата за јавни приходи Кирил Миновски. Во оставката Ставрески се заблагодарува на соработката со колегите од Владата, на актуелниот премиер Димитриев и на поранешниот претседател на Владата Груевски, во чиј кабинет беше 9 години.
„Со него имав одлична соработка и голема поддршка. Заеднички со него и со другите колеги од Владата направивме економски резултати за Македонија како никогаш досега, признаени и потврдени од најзначајните меѓународни финансиски институции“- напиша Ставрески во оставката.
Од Владата и официјална потврда за оставката на Ставрески.
„Владата истакнува огромна благодарност до вицепремиерот Ставревски за неговата работа, за ангажманот и придонесот кој тој го оствари во реализација на владините мерки, програми, и политики, за што сведочат неговите постигнати извонредни резултати. Му посакуваме пред се добро здравје, и надминување на предизвиците со кој се соочува, а Владата секогаш ќе остане отворена за соработка со личност каква што е тој“- изјави портпаролот Ѓоргиев во името на Владата.
Во 2006-та, Ставрески беше избран за потпретседател задолжен за економски прашања, а од 2009-та именуван за вицепремиер и министер за финансии.
Ќе има смени и во МНР. На местото на заменичката Драгана Кипријановска доаѓа Илија Исајловски, актуелен амбасадор во Кина и дипломат од кариера. Според најавите, утре Собранието треба да ја констатира оставката на Ставрески, и да бидат именувани новите владини функционери.
Анита Димитријевска
