Собрание: Продолжува расправата за импичмент на претседателот Иванов

14.06.2016 16:22

Во Законодавниот дом, продолкжи расправата за импичмент на претседателот Иванов. Опозицијата смета дека шефот на државата со аболицијата го прекршил Уставот, за ВМРО-ДПМНЕ, највисокиот правен акт е на страната на Иванов...

Го прекрши ли Иванов уставот со аболицијата, дозволете да се изјасни Уставниот суд, повика опозицијата на вториот ден од собраниската расправа по предлогот за импичмент на шефот на државата. Целта на Иванов со аболицијата беше да ја сузбие работата на Специјалното обвинителство, рече Јулијана Силјановска. Од собраниската говорница опозиционерите прашаа, кога Иванов повеќе згрешил, дали при носењето или при повлекувањето на аболицијата?

Претседателот има право да помилува доколку тоа е во интерес на државата, реплицираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Уставот е на страната на Иванов и оттаму тој ги црпи своите овластувања. Законот за помилување е дециден за што се произнесе и Уставниот суд кога се правеа измените- став на владејачката партија.

Социјалдемократите поднесоа иницијатива за оценување на одговорноста на претседателот Ѓорге Иванов откако тој даде аболиција на 56 лица, а како што тој рече целта му била да се излезе од политичката криза. На иницијативата се потпишаа и пратениците од ДУИ и ДПА.

 

Миле Ристески