Претставници на политичките партии на одвоени средби со амбасадорите на ЕУ и САД

14.06.2016 16:50

Претставници на политичката четворка на средби со амбасадорите на ЕУ и на САД, Аиво Орав и Џес Бејли. Се подготвува теренот за лидерска средба. Амбасадорите се надеваат на договор во следните денови. Шеќеринска бара брзо решение на кризата, премиерот Димитриев вели- лидерска средба да, но ако се договириме дека ќе разговараме за датум за избори...

Претставници на четирите политички партии потписнички на договорот од Пржино на одвоени средби со амбасадорите на Европската унија и на САД, Орав и Бејли. Се разговарало како да се организира лидерска средба и да се најде излез од политичката криза. Според заменик претседателката на СДСМ, Шеќеринска, ова било шанса партиите да ги кажат своите ставови и предлозите.

„Ова денеска беше шанса политичките партии да ги кажат своите ставови и на претставниците на меѓународната заедница, за тоа какво решение предвидуваме на оваа криза. Според нас, според опозицијата треба час поскоро да се исполнат сите услови за фер и демократски избори“, изјави Радмила Шеќеринска, заменик-претседател на СДСМ.

Амбасадорите на ЕУ и на САД се надеваат дека следниве дениви ќе се постигне напредок. Разговорите продолжуваат.

„Со партиите сме во близок контакт, преговорите продолжуваат. Се надеваме дека што е можно поскоро ќе имаме договор“, изјави евроамбасадорот Аиво Орав.

„Со партиите имавме средби во последниве неколку недели и се надеваме дека деновиве ќе имаме некаков напредок“, рече амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли.

Лидерите на политичките партии треба да најдат излез од кризата, вели премиерот Димитриев. За евентуалното одржување лидерска средба, тој смета дека таа предходно треба добро да се подготви. 

„Во моментов само имаме нафрлање на одредени теми од различни адреси, меѓутоа треба прво принципиелно да се договориме дека треба да разговараме за датум за избори, за другите работи кои се отворени и да се одржи таа лидерска средба. Ова е прашање до партиите, јас верувам дека кога ќе има нешто поконкретно дека ќе имаме таква лидерска средба и конечно да најдеме решение за да излеземе од политичката криза“, изјави премиерот Емил Димитриев.

На билатералните средби со амбасадорите учествувале Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Радмила Шеќеринска од СДСМ, Артан Груби од ДУИ и Имер Алиу од ДПА.

 

Игор Панов