НАТО го зајакнува присуството во Источна Европа
Поради тензиите со Русија, министрите за одбрана на НАТО во Брисел ги усогласија мерките за зацврстување на присуството на алијансата во Источна Европа. Алијансата воведува и таканаречена кибер-војна...

Министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО одобрија распоредување на четири баталјони во Балтичките земји и Полска. Генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг нагласи дека постепено се зајакнува источното крило откако Русија го анектираше Крим пред две години.
„НАТО ќе распореди 4 мултинационални баталјони во Естонија, Латвија, Литванија и во Полска. Ги поздравувам заложбите од нашите сојузници“, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
Столтенберг најави и засилување на одбраната во Црното Море, додавајќи дека Романија се понудила да и биде домаќин на воената единица која ќе работи на тоа. Целта не е да се предизвика конфликт, додава Столтенберг.
„НАТО не сака да почне војна или да предизвика конфликт. Ова го правиме зашто со силна одбрана најдобро се спречува војна“, вели Столтенберг.
Деталите за составот и опсегот на силите планирани за источното крило на НАТО ќе бидат утврдени на самитот на 9 јули во Варшава.
Членките на Алијансата одлучија и да воведат кибер-војување со цел да се одбранат компјутерските мрежи. Од 2011 година, нападите врз компјутерските системи се дефинираат како официјален начин на војување. САД образложија дека виртуелниот простор треба да се брани исто како и која било друга територија на планетата.
