Повторно воспоставена авиолинијата Белград- Охрид

15.06.2016 16:02

Ер Србија ќе лета во текот на туристичката сезона, секој понеделник, среда и петок- па сѐ до почетокот на септември...

По долги години пауза, од денес граѓаните на Белград и на Охрид се поблиску со еден час авионски лет. Толку ќе трае летот на српската национална авиокомпанија Ер Србија, која од денес воспостави директна авио линија Белград-Охрид-Белград. Ер Србија ќе лета во текот на туристичката сезона, секој понеделник, среда и петок- па сѐ до почетокот на септември.

По тој повод за првите патници за Охрид на аеродромот Никола Тесла во Белград беше одржана пригодна свеченост со сечење на црвена лента од страна на македонскиот амбасадор во Србија, Вера Јовановска- Типко.

„Денешниот промотивен лет на релацијата Белград-Охрид означува една нова значајна инфраструктурна врска помеѓу Македонија и Србија, што во иднина ќе допринесе за развој на туризмот,економијата и лесно поврзување помеѓу луѓето, пријателите и фамилиите до нашиот културен, природен, туристички и духовен центар и бисер на Балканот-Град Охрид“, изјави амбсадорката Јовановска- Типко.

На новата дестинација за Охрид ќе лета турбоелисниот авион АТР 72 со 66 седишта. Како што изјавија од Ер Србија, воздушниот сообраќај е воозобновен со цел Охрид како атрактивна туристичка дестинација да биде достапна на туристите од цела Југоисточна Европа преку конекциите во Белград.

Инаку од 23-ти овој месец од аеродромот во Белград ќе почне со авиосообраќај и директната авио линија Белград- Њујорк.

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ