Масовни штрајкови и антивладини протести во Грција
Продолжува штрајкот на вработените во пристаништата во Пиреја и во Солун. За идната недела се најавуваат нови штрајкови и на јавните превозници и на цивилната авијација. Во Атина, пак, антивладини протести...

Температурите во Грција растат паралелно со тензиите во општеството. Вработените на пристаништата во Пиреја и во Солун и денеска го продолжуваат дваесетдневниот штрајк, поради натамошното игнорирање на нивните барања. Според информациите, без проблеми се одвиваат услугите за фери и патничките бродови, додека целосен прекин и натаму има во однос на услугите за товарните бродови и крузерите.
За следната недела е најавена е нова низа на штрајкови.
Од 20-ти до 24-ти јуни најавен е штрајк од грчката Федерација за цивилна авијација. Поголеми застои и прекини ќе има во однос на локалните летови, додека меѓународните се очекува да се одвиваат без проблеми.
И јавните превозници најавија штрајк за 21-ви и 22-ри јуни, при што јавниот превоз во Атина нема целосно да сопре, туку ќе се штрајкува во неколку различни временски интервали во текот на денот.
Вчера пред грчкиот Парламент се одржа опозициски антивладин протест на кои што присуствуваа околу 5.000 лица. На протестот покрај грчките се веаа и знамиња на Европската Унија, иако граѓаните со кои што МРТ поразговара, се противат на мерките на штедење што премиерот Алексис Ципрас ги имплементира токму на барање на Тројката.
„Тие се предавници. Ние им верувавме, а тие не продадоа. И сега што, нека си одат дома, тоа е единствено решение.“
„Владата да си замине. Тоа е единственото решение.“
„Не мислам дека владата ќе ја напушти власта, тоа не е моето очекување, само дојдов да ја искажам мојата фрустрација“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
За разлика од штрајковите кои што периодов добиваат на интензитет, на протестот имаше поинаква слика.
Додека пред неколку години, па дури и месеци, токму на протестите од овде започнуваше вистинска војна, овој пат доминираа релативно опуштената атмосфера и киосците за храна.
Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ
