Зелик: Европа да остане економска и политичка унија

16.06.2016 10:26

На една недела од референдумот во најновите анкети водат поддржувачите за излегување на Обединетото Кралство од Европската Унија. Американски претставници и Меѓународниот Монетарен Фонд предупредуваат дека ова може да биде опасно по единството во Европа и британската економија...

Европа мора да опстане како економска и политичка унија на демократски држави, оценува Роберт Зелик, поранешниот советник за надворешна политика на американскиот претседател Џорџ Буш и поранешен претседател на Светска банка. Излегувањето на Британија од Европската Унија ќе ја дестабилизира Европа која се соочува со мигрантска криза, тероризам, економска криза и менување на границите.

„Европската Унија во основа е интеграција врз економски, политички и безбедносни основи. Ова со некои потешкотии е што Соединетите Американски Држави сакаат да го постигнат во Северна Америка, на Атлантикот и Пацификот. Се разбира во последниве 70 години имаше промени. Но ако луѓето мислат дека можат да го отфрлат и да го реконструираат, создаваат многу голем ризик“, смета Роберт Зелик, американски банкар, поранешен советник во Бела куќа и Претседател на Светска Банка.

Европската Унија и НАТО остануваат столбовите на безбедноста во Европа. Ако некоја земја членка излезе од овие меѓународни организации, тоа ќе биде крајот на идеалот за цела, обединета и слободна Европа.

„Сега имаме пристап кон Западна Европа, сојузништво и пријателство и улога што ја споделуваме во НАТО и ЕУ. Втора придобивка е економскиот раст. Ако се разгледа историски во последниве децении, успехот на европскиот раст е заедничкиот европски пазар, што е клучен за развојот на глобално ниво, во регионот, за она што се случува на Блискиот Исток, во Централна и Источна Европа и во САД“, додава Зелик.

Американски претставници оценуваат дека се потребни реформи во Европската Унија, но излегувањето од Унијата не е решение за проблемите. САД сакаат да видат стабилна Европа, бидејќи не можат да се ангажираат и на европско тло како на Блискиот Исток. Референдумот во Британија предизвика пад на американските берзи и намалување на вредноста на британската фунта во однос на американскиот долар.

На една недела пред референдумот, Меѓународниот Монетарен Фонд излезе со анализа дека излегувањето на Обединетото Кралство од Европската Унија ќе ја забави британската економија.

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ