Обама: Дајте им шанса на Американците
Америка сега е број еден земја за вложувања...

Америка сега е број еден земја за вложувања. Приоритет во 2014-та ќе бидат нови работни места, образованието, здравстевното осигурување, нов приватен пензиски фонд, минимална загарантирана плата, изјави американскиот Претседател Барак Обама во своето 5-то обраќање пред Конгресот за „Обединувањето на државата“.
Според Обама, најмоќната економска земја во иднина ќе биде државата која вложува во иновациите, енергетската независност и екологијата. Осврнувајќи се малку на надворешната политика најави повлекување на американските сили од Авганистан и затворање на затворот Гвантанамо до крајот на годината, но и натамошна борба против терористичките групи во светот.
„Ако авганистанската Влада го потпише безбедносниот договор за кој преговараме, мала сила Американци ќе остане во Авганистан со НАТО сојузниците за изведување на две мисии: обука и помош на авганистанските сили и контратерористички операции против остатоци на Ал-Каеда“, рече Обама.
Американскиот Претседател не се осврна на престојниот самит на НАТО наесен, ниту на можното проширување.
„Засега Претседателот Обама е единствениот Претседател по Клинтон, којшто не поканил нови земји членки во НАТО. Мислам дека вечерва треба да повика Македонија и Црна Гора да бидат поканети на самитот во Велс во септември“, вели Џејмс Дин, експерт во Херитиџ Фондација.
„Македонија е земја која е способна, подготвена и сака да се приклучи на НАТО. САД треба да покажат лидерство и да помогнат за приемот, бидејќи проширувањето е јадро на моќта на Алијансата во последниве 50 години“, вели Даниел Кочис-експерт на Херитиџ Фондација.
Според Обама, Европа останува најсилниот сојузник на Америка. Се заложи за давање шанса на преговорите со Иран и следење на ситуацијата во Сирија, Украина и Палестинско-Израелскиот преговарачки процес.
Доколку Конгресот не ги донесе законите за имиграција и минимална плата на федралните работници, американскиот претседател Барак Обама најави дека ќе донесе извршни наредби за нивно усвојување.
Ирина Гелевска, постојан дописник на МРТ од Вашингтон
