Со камери ќе се евидентира ефикасноста на работата на полицајците

16.06.2016 15:02

Со донација на опрема вредна 65 илјади американски долари, ќе се евидентира ефикасноста на работата на полицајците и ќе се спречуваат евентуални обиди за подмитување. Пилот проектот на Американската амбасада и ресорното министерство предвидува, камерите да се инсталираат кај полицајците од сообраќајниот сектор.

Мобилни камери прикачени на униформата или во возилото ќе имаат полицајците од сообраќајната единица. Американската амбасада донираше 65 илјади долари во опрема, уреди за снимање, читачи и обука за корисниците. На терен ќе се снимаат полициските постапувања, со цел да се евидентира ефикасноста во работата, но и да се спречат евентуални обиди за подмитување.

Во просек годишно граѓаните поднесуваат 20 до 30 претставки против полицајци, по кои постапува внатрешната полициска контрола, која сега ќе биде надлежна за прегледување на евентуалните инкриминирачки снимки.

Светските искуства говорат дека најмногу обиди за корупција има на полицајците од сообраќајниот сектор, па од тие причини и пилот проектот стартува со оваа единица во МВР. Доколку се потврди ефикасноста од употребата на камерите, со уреди за видео снимање ќе се опремат и сите униформирани полицајци од станиците од општа надлежност.

 

Анита Димитријевска