Пронајдени остатоци од урнатиот египетски авион
Остатоците од летот МС804 се детектирани во Средоземјето, 290 километри од Александрија, на длабочина од над три илјади метри...

Специјалната подморница која ги бараше остатоците од урнатиот авион на „Иџипт-ер“ најде неколку главни локации со делови од леталото.
Остатоците од летот МС804 се детектирани во Средоземјето, 290 километри од Александрија, на длабочина од над три илјади метри.
Во почетокот на месецов беа регистрирани сигнали од црната кутија кои, според експертите, ќе се емитуваат најдоцна до 24 јуни.
Властите повикаа на трпеливост и на професионалност додека истражниот тим не ја заврши истрагата.
„Не треба да се занимаваме со теории на заговор, или нереални теории. Ги повикувам сите да бидат професионалци, да ги следат стандардните процедури за ваквите случаи, и да го почекаат истражниот тим да си ја заврши работата“, изјави Шариф Фати, министер за цивилно воздухопловство на Египет.
Најверојатна причина за исчезнувањето на авионот е човечка или техничка грешка, но аналитичарите не ја исклучуваат можноста дека станува збор за терористички напад, иако досега ниедна екстремистичка група не ја презеде одговорноста за несреќата.
Ербасот А320 кој леташе на релација Париз-Каиро се урна на 19 мај во источниот дел од Средоземјето. Во несреќата загинаа сите 66 патници и членови на екипажот.
Според грчката контрола на летови, авионот свртел 90 степени на лево, па 360 степени на десно, при што почнал да се симнува од 11.300 метри височина, на 4.600 метри, па на 3.000 метри кога исчезнал од радарот.
