Средби во Пржино

Застој во преговорите

16.06.2016 16:30

Застој во преговорите меѓу водечката политичка четворка. Партиите побарале дополнителни консултации. Евроамбасадорот Орав ги советува дека немаат време за чекање, за американскиот амбасадор Бејли, решението на политичката криза е во спроведувањето на договорот од Пржино...

Претставниците на партиите потписнички на договорот од Пржино побарале дополнително време за консултации. Се пеглаат разликите околу избирачкиот список и реформите во медиумите. Доколку се најде решение за овие две прашања, тогаш за датумот за избори и за составот на владата која ќе треба да ги спроведе изборите ќе расправаат партиските лидери на заедничка средба, на што инсистираат претставниците на меѓународната заедница. Евроамбасадорот Орав изјави дека времето е пари, и дека во следниве денови како што очекува, по внатрепартиските консултации да дојде до повторна средба на работните групи за да се најде заедничко решение.

„За денеска ги завршиме разговорите. На четирите партии им треба повеќе време за консултации, во рамки на партиите и со Државната изборна комисија. Европската Унија секогаш им стои на располагање на партиите за продолжување на разговорите. Нашата порака е да не се губи време- времето е пари“, изјави евроамбасадорот Орав.

За СДСМ преговорите се прекинати, бидејќи според нив, владејачката партија не сака да разговара за пречистување на избирачкиот список и регулација медиумите.

„Секогаш кога ќе дојдеме до двете болни теми за ВМРО-ДПМНЕ, а тоа се прочистување на Избирачкиот список, односно 330.000 спорни записи и регулирање на медиумската сфера, во тој момент доаѓа до прекин на преговорите од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Петре Шилегов, портпарол на СДСМ. 

Преговорите денеска се прекинати бидејќи за СДСМ не е прифатливо во текстот експлицитно да стои дека не треба да има цензура во медиумите, вели за МТВ директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски. Од ВМРО -ДПМНЕ биле побарани цврсти гаранции во форма на одредба дека ниту новинар или медиум не може и не смее да биде казнет за искажан став или мислење, нешто што е предвидено и во Кодексот на новинарите на Македонија. Што се однесува до избирачкиот список, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека генерално немаат проблем со него, но на средбите јасно се видело, како што вели Котевски, дека СДСМ лажно обвинувал за кражба на 200 илјади гласови.

Претходно амбасадорот на САД, Џес Бејли, коментирајки за актуелната политичка состојба, изјави дека решението за кризата лежи во спроведувањето на договорот од Пржино и тоа е она за што се залагааат  заедно со колегите од Европската унија.

„Решението за политичката криза лежи во спроведувањето на договорот од Пржино, и тоа се обидуваме да го направиме со нашите колеги од Европската унија. Имаме средби со партиите, тие разговори продолжуваат. Разговараме за повеќе познати теми, иако нема да навлегувам во деталите. Работиме за реализација на договорот од Пржино, кој ги дава насоките за утврдување на одговорност, имајќи го предвид прислушувањето и сериозните тврдења што произлегоа од него. Се надеваме дека ќе следат реформи и кредибилни избори и дека луѓето ќе учествуваат во овој процес. Тоа е суштината на договорот од Пржино и тоа е она што САД и ЕУ се обидуваат да го постигнат како пријатели на Македонија“, изјави американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли.

Се очекува меѓупартиските разговори да продолжат во почетокот на идната недела.

Игор Панов