На охридскиот аеродром пристигна првиот чартер со 120 туристи од Брисел
Утрото на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ пристигна првиот авион со туристи, кои доаѓаат преку светски познатиот тур-оператор „Томас Кук“. Со тоа е означен стартот на авионската линија Брисел- Охрид која ќе биде во функција до средината на септември. „Томас Кук“ е најголем европски тур-оператор кој во Македонија на почетокот ќе носи гости само од Белгија, а во иднина и од други европски земји...

120 туристи од Белгија утрото допатуваа на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ со чартер лет од Брисел, преку најголемиот европски тур-оператор „Томас Кук“. По традиција гостите беа дочекани со воден мост во форма на виножито, погача и сол, торта и пијалоци.
„Македонија е многу импресивна земја, со гостопримлив, пријателски народ. Охрид и езерото се одлична дестинација за одмор“.
„Прв пат сме тука, убаво е да се посети оваа земја, очекувам сончеви денови и добар одмор“.
„Многу сум љубопитен, едвај чекам да ја запознаам Македонија, посебно Охрид. Она што го знам за земјата е дека има прекрасни планини, потоа знам дека Мајка Тереза била родена тука, а знам и за Александар Македонски“, велат туристите.
Првиот чартер лет Брисел- Охрид се воспоставува во годината кога Тур-операторот „Томас Кук“ ја слави 175 годишнината од формирањето, а до средината на септември чартер летовите ќе оперираат еднаш неделно.
Воспоставувањето на соработката со туристичкиот гигант „Томас Кук“ во Охрид и Македонија покрај туристи од Белгија ќе привлече и гости од Германија, Велика Британија и други земји каде што тур-операторот има свои претставништва.
„Томас Кук“ опслужува над 22 милиони клиенти, со вкупна продажба на аранжманите во вредност од девет милијарди фунти. Во првата година од работењето во Македонија тур-операторот склучи договори со 12 хотели и помали сместувачки капацитети.
Сашо Нелоски
