„Протестирам“ најави протест пред СЈО

20.06.2016 13:46

Барањата на „Протестирам“ беа Уставниот суд да ја потврди уставноста на законот за Специјалното јавно обвинителство и да престане полицискиот прогон на активистите што учествуваат на протестите.

За во 19 часот пред Специјалното јавно обвинителство се најавени нови демонстрации во организација на иницијативата „Протестирам“.

Оттаму во најавата за протестот велат дека нема да дозволат преговори зад затворени врати, нема да дозволат како што ги нарекуваат, нетранспарентни преговори без учество на граѓаните, во кои тие се пасивен набљудувач.

„Нашиот глас мора да биде слушнат и од власта и од опозицијата, ако не во малата соба за преговори, тогаш низ улиците и плоштадите“ – велат од иницијативата „Протестирам“.

Рокот што оваа иницијатива го постави за исполнување на двата услова – Уставниот суд да ја потврди уставноста на Законот за Специјално обвинителство и да престане, како што велат, прогонот на демонстрантите, истече на 18-ти јуни.