Нови демонстрации во организација на „Протестирам“

20.06.2016 22:26

„Уставниот суд да се произнесе по иницијативата за Законот за Специјалното јавно обвинителство, формирање посебно одделение во Кривичниот суд за предметите од СЈО, да запре прогонот на демонстрантите“ – ова се барањата кои синоќа демонстрантите и членови на опозицијата ги испорачаа на протестот што почна пред Специјалното јавно обвинителство, а заврши пред Владата и Собранието. Демонстрантите со боја и камења удрија во Министерството за правда, се обидоа и да го урнат споменикот на Прометеј, но беа спречните од полицијата...

Приврзаниците на „Протестирам“ и членови на опозицијата побараа Уставниот суд итно да се произнесе по иницијативата за Законот за Специјално јавно обвинителство, да се формира посебно одделение во Кривичниот суд за предметите од СЈО, да не се вршат притисоци врз активистите, граѓаните да учествуваат во преговорите за излез од кризата, Владата да поднесе оставка.   

Демонстрантите тргнаа од Специјалното јавно обвинителство и продолжија кон Владата и Собранието. По пат, со камења беа искршени прозорците на Министерството за правда, а врз институцијата повторно беше фрлена боја. Обоен беше и Законодавниот дом, а се обидоа и да го урнат споменикот на Прометеј во Жена – парк.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, рече оти е недолична изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека народот го губи трпението.  Новиот протест следува откако на 18-ти јуни истече рокот што го дадоа од иницијативата „Протестирам“ за исполнување на нивните барања.

 

Наташа Гркова- Петрушевска