Се реконструира депото за возови во „МЖ- Транспорт“

21.06.2016 13:09

Според компанијата, зафатот ќе чини два милиона евра кои се обезбедени од Европската банка за обнова и развој.

Македонски железници- Транспорт почна со реконструкција на депото за возови со што ќе се создадат услови за сервисирање на локомотивите, патничките и на товарните вагони.

„Првпат по 43 години вршиме модернизација на халите и создавање на нормални услови за сервисирање на возовите. И покрај ситуацијата во која се наоѓа „Македонски железници“, имајќи ја предвид мигрантската криза и штрајковите на Солунското пристаниште, сепак изнаоѓаме начини и средства преку проектите на Владата да вршиме реконструкција на овие хали“, изјави Никола Костов, директор на „МЖ- Транпорт“.

Според компанијата, зафатот ќе чини два милиона евра кои се обезбедени од Европската банка за обнова и развој. Се очекува целосната реконструкција да заврши за една година.