НБА

Хјустон е пеницилинот за финалистот, за Лејкерс нема лек

29.01.2014 10:18

Рокетс трет пат сезонава го совладаа составот на Спарс и уште еднаш...

Рокетс трет пат сезонава го совладаа составот на Спарс и уште еднаш ги покажуваат аспирациите во тековната сезона. Заштитниот знак на Градот на ангелите, одамна е во криза од која што нема излез на виделина.

Хјустон победи во дербито на Тексас и на вечерта во НБА лигата, против Сан Антонио, со 97:90. Победата е послатка, затоа што беше извојувана без Џејмс Харден, клучната фигура во ударното трио на Црвените ракети. Двајт Хауард постигна 23 поени, дополнети со 16 скокови.

Резултатски најдобрата екипа на Истокот и во лигата, го дотолчи најгламурозното име во НБА историјата, кое што одамна кризира. Пејсерс ги прегазија Лејкерс, со на крајот и не толку убедливи 104:92, ставајќи им до знаење на сопствениците на 16 кратниот шампион дека за наредната сезона ќе мора нешто да се менува... и тоа драстично. Лејкерс се на дното, на делба на последната позиција на Западот, по 40 години.

Изненадувањето на синоќешната НБА понуда, беше победата на Мемфис против Портланд, со 98:81. Зак Рендолф ги предводеше Гризлис со 23 поени и со 10 скокови, а кај поразените забележителен настап имаше Ламаркус Олдриџ со 27 поени и со 16 скокови.

Њујорк неочекувано лесно се справи со Бостон, победувајќи со 114:88, зад 24-те поени на кои што Кармело Ентони додаде и 9 прифатени топки.

На останатите три средби:

Кливленд - Њу Орлеанс 89:100

Детроит - Орландо 103:87

Голден Стејт - Вашингтон 85:88