Одбележан денот на Охридското Езеро

21.06.2016 15:15

Во Охрид е одбележан Денот на езерото. Беше потпишан заветот на најмладите дека ќе се грижат за езерото, а градоначалниците на Охрид и на Поградец упатија апел до државите и до светските институции да помогнат да се заштити езерото, кое можеби во дваесет и првиот век ќе биде главен извор со питка вода во регионот...

Со пуштање на завет во шише во езерските води, потпишан од градоначалниците на Охрид и албанскиот град Поградец, најмладите од двата крајезерски града се обврзаа дека ќе го чуваат Охридското Езеро како најскапоцен божји дар. На денот на езерото градоначалниците порачаа дека врвен приоритет е затворањето на колекторскиот заштитен прсетен околу овој балкански бисер.

„И реконструкцијата и надградбата на колекторскиот систем околу целото Охридско Езеро, тоа е нешто што треба да претставува врвен државен приоритет, меѓутоа и врвен приоритет на сите оние институции кои се занимаваат со заштита на водите насекаде во Европа или во светот“, изјави охридскиот градоначалник, Никола Бакрачески.

На албанската страна активно се работи на заштитата, уште повеќе поради тоа што номинацијата за ставање и на тој дел од езерото на Списокот на УНЕСКО  треба да биде завршена најдоцна до март 2017-та.

„Досега не беа третирани отпадните води од албанска страна, а сега има само една локална единица која што нема таква заштита и се преземени сите активности  и таа општина да ги третира отпадните води“, изјави Едуард Капри, градоначалник на Поградец.

Од Охрид беше упатена и пораката дека особено внимание треба да се посвети на најмладите граѓани, кај кои треба максимално да се подигне свеста за заштита на езерото уште од најрана возраст.

 

Сашо Нелоски