Филмот „Лазар“ пред бриселската публика

21.06.2016 15:24

Илегалниот шверц на мигранти е главната тема на филмот „Лазар“ на македонскиот режисер Светозар Ристовски. Филмот учествува на Белгискиот фестивал, а синоќа беше прикажан пред публиката во Брисел...

Македонскиот филм „Лазар“ на режисерот Светозар Ристовски, а во македоско- хрватско- бугарска- француска копродукција, вчера и беше прикажан на бриселската публика. „Лазар“ е еден од неколкуте номинирани европски филмови на најпрестижниот Белгиски филмски фестивал.

„За мене е значаен, можеби не толку во контекст на фестивалско рангирање, колку што дека еве доаѓаме во срцето на Европската унија. Европската публика има можност да види еден сериозен проблем на Европа во моментов. ’Лазар’ е филм во кој се работи за илегален шверц на мигранти, кој отвара проблем за регионалниот и европскиот национализам“, изјави режисерот Светозар Ристовски.

Очигледна беше заинтересираноста на бриселчани за европската кинематографија.

„Очекувањата ми се со оглед на номинацијата, не дека ќе победиме, но, тоа што ме радува е дека има поблика, а тоа значи успех“, вели Ристовски.

Бриселскиот филмски фестивал кој се одржува ова недела во европската престолнина ги номинира најквалитетните кинематографски остварувања од Европа за претходната година.

Да потсетиме дека филмот „Лазар“ го отвори минатогодишниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Македонија.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ