САД нема да ја засили контролата на оружјето

21.06.2016 15:29

Републиканците и Демократите со дијаметрално спротивни решенија за борбата против тероризмот...

Американскиот Сенат ги отфрли барањата за заострена контрола за оружје. Потенцијалните терористи и натаму ќе имаат слободен пристап до него.

Пред Сенатот беа изнесени четири предлози, но спротивставените страни не најдоа заеднички јазик. Републиканците и Националното здружение за огнено оружје ги обвинија Демократите дека го нарушуваат уставното право на Американците. Демократите возвратија-предлозите на Републиканците се преслаби.

„Колегите велат дека имаме проблем со оружјето, но суштинската борба се води за искоренување на екстремистите, кои се главната причина за нападот во Флорида. Колегите сакаат да ги лечат симптомите, но не и да се борат со заболениот“, изјави Џон Корнин, сенатор на Републиканската партија.

„Пасивноста на Сенатот уште повеќе ја зголемува трагедијата на жртвите од нападите“, нагласи демократот Крис Марфи во маратонскиот говор за законот за оружје минатата недела.

„Ужасна е болката кога губите близок човек, но уште поужасно е кога оние кои  сте ги избрале да ве водат, не прават ништо, и молчат додека вие страдате“, рече Марфи.

Предлозите беа подготвени по нападот во Орландо каде што загинаа 50 луѓе. Омар Матин бил американски државјанин со полициско досие, но не бил на листата на потенцијални терористи.

По престрелката во објект на американската морнарица во која загинаа 12 лица, американскиот претседател Барак Обама предложи построг закон за оружје, но Конгресот не го прифати.

„Во мојот мандат, продажбата на оружје е поголема од кога и да е. Никогаш не сум предложил конфискување на оружје од одговорните и совесните продавачи. Но овде живеат членови на Исламска држава. Објавени се на интернет, аеродромите имаат списоци со нивните имиња. А јас поради националното здружение за оружје не смеам да им забранам на тие луѓе да купат пиштол“, изјави претседателот Обама.

Продавачите на оружје во САД добиваат дозвола од федералната влада. Пристап до оружје немаат лица со нарушено ментално здравје, или сериозно криминално досие. Конкретна забрана за потенцијални терористи се уште не е изгласана. На овој список во моментов се регистрирани еден милион луѓе.