„Македонија вработува 2“: Најавени 15 до 20 илјади нови работни места
15 до 20 илјади работни места со продолжување на проектот „Македонија вработува“ најави владата. Надлежните очекуваат ново намалување на невработеноста и економски прогрес на земјата...

За десетина дена почнува втората фаза од проектот „Македонија вработува“. Надлежните очекуваат да резултира со 20 илјади нови работни места. Ќе се опфатат истите пет категории како и во претходната фаза. Компаниите ќе бидат ослободени од плаќање придонеси од 3 до 5 години, во зависност за која категорија ќе отворат работно место, што зависи од возраста на работникот.
„Во текот на една година очекуваме отоврање на нови 15 до 20 илјади работни места, со што значително ќе се придонесе за дополнително намалување на невработеноста, развој на домашните компании и генерално за економски прогрес на државата, изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Пешевски информираше дека на владината седница се усвоени измените на законите за вработување и за осигурување во случај на невработеност, за пензиско и инвалидско осигурување и за здравствено осигурување.
„Ќе продолжиме да им помагаме на младите луѓе да дојдат до своето прво работно место и да создадат предуслови за создавање семеен живот, но и на оние кои долго чекаат работа, како и на повозрасните категории граѓани кои многу потешко стапуваат на пазарот на трудот и кои пред почнувањето на проектот „Македонија вработува“ не беа конкурентни, а сега се“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Според надлежните, со проектот „Македонија вработува“ за една година во над десет илјади компании се вработиле 19 илјади луѓе од различни категории кои подолго време барале работа.
Наташа Јанчиќ
