Македонија и францускиот регион Алзас ја продлабочуваат соработката

21.06.2016 16:17

Најголеми можности за деловна соработка има во туризмот и гастрономијата, но се гледаат и други потенцијали. Интерес има кај компаниите од енергетскиот и ИТ секторот, текстилната и автомобилската и електроиндустријата, агробизнисот и производството на храна...

Туризмот и гастрономијата потенцијали за унапредување на соработката со францускиот регион Алзас. Интерес има кај компаниите од  енергетскиот и ИТ секторот, текстилната и автомобилската и електроиндустријата, агробизнисот и производството на храна. Претставници од регионот Алзас и од Стопанската комора на Македонија изразија незадоволство од досегашните трговски односи и се договорија  што поскоро да ја продлабочат економската соработка. 

„Големи се и можностите за проширување на извозот од македонска страна со понуда во конзервната и кондиторската индустрија, туризмот, текстилот, градежништвото, ИКТ секторот“, изјави Јелисавета Ѓоргиева, извршен директор на Стопанска комора на Македонија.

Француската делегација ја посети Македонија за да ги запознае нејзините карактеристики и да ги слушне очекувањата и предизвиците на европскиот пат, велат гостите.

„Сакам да ви ја претставам бројната делегација од Алзас која што е дојдена да ја унапреди соработката. Во првични контакти да ги открјат сите можности за спроведување и финансирање европски проекти од различни области“, изјави француската амбасадорка во земјава, Лоренс Оер.

Алзас е познат по производството на грозје, пченка, житни култури, сливи, месо, пиво, млечни производи, хмељ, но и со автомобилската  индустрија.

„Нашата денешна прва посета е меѓусебно запознавање и воспоставување контакти кои, се надеваме, дека ќе резултираат со конкретна соработка со регионот Алзас“, изјави Мари Рејн Фишер, заменик- претседател на Агенцијата за промоција на регионот Алзас.

Наместо директна соработка, опција за мекедонските фирми е регионално поврзување со земјите од соседството и заеднички настап на францускиот пазар. Трговската размена меѓу двете земји во првите четири месеци надмина 41 милион  долари, што е раст од 1,7 насто во однос на истиот период лани. Извозот достигнал 8,2 милиона, а увозот 33 милиони долари.

Македонија извезува текстил, вода, производи на машинската и електро- индустријата, а во увозот доминираат фармацевтски производи, автомобили и парфеми.

Наташа Гркова- Петрушевска