Партиите со реакција за синоќешните демонстрации

21.06.2016 16:38

ВМРО-ДПМНЕ смета дека СДСМ демонстрирал анархија за да поттикне конфликт, побарани казни за вандализмот. За СДСМ, власта го видела народот и гневот. Опозицијата ги повтори барањата- Уставен да се произнесе за СЈО, да се престане прогонот на демонстрантите...

Вчера СДСМ демонстрираше анархија и беззаконие преку платени маскирани хулигани  со една единствена цел, да го предизвика гневот на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија и да поттикне меѓусебно закрвување и конфликт. Ние знаеме дека тоа им е крајната цел- рече Илија Димовски.

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува вчерашното палење, демолирање, кршење и вандализамот истакна Димовски, според кого опозицијата доживеала дебакл бидејќи не ги наполнила ни половината резервирани автобуси за доаѓање на протестот, а како што рече, голем дел од членовите на СДСМ не сакале да  да учествуваат во погубното сценарио на Зоран Заев.

Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека насилството и вандализмот не смеат да поминат неказнето. Искажаа подршка за полициските службеници, а она што вчера го демонстрирале од СДСМ не е ниту борба за слобода, ниту борба за правда, рече Димовски.

Вчера СДСМ го допре дното и покажа во каква политичка  агонија се наоѓа. Народот јасно виде дека во партијата нема ниту една конструктивна идеја со која би се излегло на политички мегдан и дека сите капацитети на ова раководство на СДСМ се посветени на целосна деструкција, насилство и вандализам. Единствниот аболициран политичар за криминал тежок 8 милиони евра, Зоран Заев се подлабоко тоне и сака во жива кал со себе да го повлече СДСМ, нивното членство, целиот народ и  целата државата“, изјави Димовски.

ВМРО-ДПМНЕ панично реагира бидејќи десетици илјади граѓани вчера упатиле силна порака, реагираше со соопштение СДСМ. Според нив, револтот на граѓаните секојдневно растел, а Груевски видел што значи кога народот врие.

Опозицијата и денеска повика Уставниот суд да се изјасни за законитоаста на СЈО, да престане како што велат прогонот на демонстрантите и формирање влада којашто ќе создаде услови и ќе спроведе слободни, фер, демократски и кредибилни избори.

 

Миле Ристески