Изборната кампања во САД се заострува
Изборната кампања во Соединетите Американски Држави се заострува по последните меѓусебни напади на Трамп и Клинтон околу начинот за борба против тероризмот, меѓународната политика и контролата на оружјето...

Двајцата најсериозни претседателски кандидати во Соединетите Американски Држави. Доналд Трамп и Хилари Клинтон имаат тотално спротиставени ставови околу борбата против тероризмот, меѓународната политика и котролата на оружјето. По нападот во Орландо, републиканскиот кандидат Доналд Трамп повика на забрана за влез на муслимани од држави каде има терористички организации. Демократските кандидати веднаш го осудија овој став.
„Повикав на забрана за муслимани по нападот во Сан Бернардино и тоа беше дочекано со голем отпор, но сега можам да кажам дека имав право. Забраната би била привремена зошто мораме да откриеме што се случува. Таа ќе биде подигната кога како нација ќе бидеме способни соодветно да ги проверуваме овие луѓе коишто доаѓаат во нашата држава“, изјави претседателскиот кандидат Доналд Трамп.
„Не ни требаат говори како овој по Париз, Брисел и Сан Бернардино. Јас предложив план за победа над ИДИЛ и други џихадистички групи во регионот и пошироко. Нападот во Орландо прави уште појасно дека не можеме да ја ограничиме оваа закана, туку дека мораме да ја победиме“, вели претседателскиот кандидат Хилари Клинтон.
Трамп ја нападна Клинтон дека го користи најновиот терористички напад во Америка како причина за укинување на вториот амандман од американскиот Устав за носење и поседување на оружје. Клинтон оцени дека нападот во Орландо се случи поради немањето добра контрола на оружјето. Трамп пак смета дека на лицата коишто се набљудуваат поради тероризам не треба да им се продава оружје.
„Верувам дека ние Американците сме способни за двете работи, заштита на нашиот втор амандман за носење оружје, но и да спречиме тоа да падне во погрешни раце“, изјави Клинтон.
„Во голема мера за Орландо го криват поседувањето оружје. Но јас ќе го спасам вториот амандман целосно. А Хилари сака да го укине вториот амандман, запомнете го тоа“, рече Трамп.
Клинтон оценува дека Трамп ќе води лоша меѓународна политика, како затоплување на односите со Русија затоа што е во добри односи со Путин. Трамп пак не пропушта да ги потсети американските гласачи за грешките што Клинтон ги направи како државен секретар. Во последните анкети, Трамп има помалку поддршка од Клинтон. Ова е главната причина што Трамп му даде отказ на менаџерот на кампањата Кори Левандовски. Неколку републиканци формираа група за спречување на номинацијата на Трамп, но без шанси за успех на конвенцијата.
Американскиот претседател Барак Обама и официјално и даде поддршка на демократскиот кандидат Хилари Клинтон.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
