Теренски мерења за проектот „Купи куќа за млади“ во Сопиште

22.06.2016 14:23

Во Општина Сопиште почнаа теренските активности за изготвување ажурирана геодетска подлога која ќе овозможи изработка на урбанистички план со површина од 31 хектар. По усвојувањето парцелите ќе им бидат понудени за продажба на заинтересираните преку проектот „Купи куќа за млади“.

Стартуваа геодетските мерења. Сопиште се подготвува за елитната населба во која младите до 35 години ќе градат куќи за живеење. Кон крајот на летото ќе почне и изградбата на инфраструктурата, а најдоцна за една година и продажбата на првите плацеви.

Градоначалникот Трпковски е оптимист дека локациите брзо ќе се продадат. Позитивен импулс е интересот на граѓаните кои, како што вели, секојдневно доаѓале во општината и се интересирале за условите.

„Оваа локација која Општина Сопиште ја предвиде за овој тип на урбанистички план за проектот Купи куќа за млади, е оддалечена 9 километри од центарот на Скопје, со надморска висина од 600 метри, идеална за чист воздух преку целата година и широк поглед на целиот регион“, изјави Стефче Трпковски, градоначалник на Општина Сопиште.

Досега 66 општини од целата земја определија локации за нови станбени единици. Агенцијата за катастар ќе изготви ажурирани геодетски подлоги за 36 од нив со вкупна површина од 700 хектари. Преостанатите 30 ќе се урбанизираат преку Министерството за транспорт и врски.

„Ажурираните геодетски подлоги ќе бидат доставени до Агенцијата за просторно планирање која понатаму треба да ги изготви урбанистичките планови, општините да ги усвојат на советите за да можат да се понудат на продажба од евро за метар квадратен“, информира директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески.

Проектот „Купи куќа за млади“ е наменет за граѓаните до 35 години. Тие може да добијат помош од државата до 33 илјади евра за да купат, изградат или надградат куќа.

 

Анита Димитријевска