Велика Битанија- ЕУ: Мртва трка пред референдумот

22.06.2016 15:31

Мртва трка пред утрешниот референдум во Обединетото Кралство. Движењата „Бримејн“ и „Брегзит“ со речиси еднаков број поддржувачи. Право на глас имаат над 46 милиони граѓани.

Претставниците на двете струи за претстојниот референдум во Велика Британија се обидоа за последен пат да ги придобијат гласачите пред утрешната судбоносна одлука. Најголемата дебата во живо за т.н. Брегзит се одржа пред 6.000 гледачи во арената Вембли. Главни теми беа економијата, имиграцијата и позицијата на Британија во светсот.

За поддржувачите на Брегзит, излезот е спас од бриселската бирократија. Следбениците на контраструјата „Бримејн“ тврдат дека вистинската контрола ја имаат само оние што си обезбедиле место во Унијата.

„Не верувам дека ќе имам контрола ако си заминам од Унијата. Напротив, контролата ја губите ако го загубите местото на заедничката маса“, изјави Рут Дејвидсон, лидер на Конзервативната партија на Шкотска.

„Со 28 членки и уште 5 земји кои ќе ни се придружат, Британија ќе стане толку незначајна во процесот на донесување одлуки. Треба да си ја вратиме контролата“, вели Жизела Стјуарт, Лабуристичка партија.

„60% од правилата доаѓаат од Унијата. Постојано ми велат што да правам, а што не. Факт е дека во Европската унија има 5 претседатели, но дали ги знаете, дали некој гласал за нив? Никој. Јас гласам за нив зашто вие не смеете“, изјави Андреа Лидсом, министер за енергетика.

Конзервативците побараа потемелен пристап за бегалската криза. За градоначалникот на Лондон, доселениците се добредојдени во секоја сфера на општеството.

„Доселениците направија многу економски, културни и социјални подобрувања. Над 130 илјади работници ви се благодарни. Над 1,5 милиони Британци работат во компании во сопственост на ЕУ“, вели Садик Кан, градоначалник на Лондон.

Завршниот збор за движењето „Бримејн“ го даде Рут Дејвидсон.

„Кога гласате бидете 100% сигурни во одлуката зашто нема враќање. Унијата не е совршена, но нуди повеќе придобивки отколку проблеми“, изјави Рут Дејвидсон, лидер на Конзервативната партија на Шкотска.

Поранешниот градоначалник на Лондон, Борис Џонсон порача дека Британците може да добијат Ден на независноста доколку го поддржат Брегзит.

„Едните ви зборуваат за страв и последици ако си заминеме од Унијата. А ние ви даваме надеж. Тие велат дека не можете, а ние дека можете. Велат дека мора да му се покорите на Брисел, а ние дека го потценуваат потенцијалот на нашата земја“, изјави Борис Џонсон, поранешен градоначалник на Лондон.

Иницијативата за вториот референдум почна пред две години, кога премиерот на Обединетото Кралство Дејвид Камерон побара ревизија на британско-европските односи. Првиот беше во 1975 година кога изгласаа да останат во тогашната Европска економска заедница.

Повеќето членки на Унијата и САД сметаат дека ќе се наруши угледот на Велика Британија ако ја напушти Унијата. На страната на Брегзит застана лидерката на екстремно десничарскиот Национален фронт на Франција, Ле Пен, која побара ист ваков референдум во секоја земја-членка за да се ослободат од, според неа, тоталитарниот систем на Унијата.

Дејвид Бекам, Стивен Хокинг, Кира Најтли се само дел од познатите кои ќе гласаат да останат во Унијата. Елизабет Харли, Берни Еклстон и Џоан Колинс се вклучија во кампањата за излез.