Социјалните партнери со поддршка за проектот „Македонија вработува 2“

22.06.2016 16:11

Синдикатот и бизнисот очекуват да се поттикне отворањето нови работни места...

„Важен проект за младите претприемачи, за луѓето кои за првпат започнуваат бизнис, но, и за брзорастечките компании“- став на организациите на работодавачи и синдикатите за проектот „Македонија вработува 2“.

„Има голема можност компаниите на долг рок да продолжат да вработуваат и да ја обезбедат својата долгорочност“, вели Миле Бошков, претседател на Бизнис- конфедерацијата.

„Некои слабости кои се појавија во досегашната импементација на овој проект со овие измени се изменети, не се дава можност за злоупотреби“, смета Ангел Димитров, Организација на работодавачи.

Со продолжување на проектот надлежните очекуваат да се отворат околу 20.000 нови работни места. На состанок меѓу социјалните партнери биле разгледани измените на законите за вработување и осигурување во случај на невработеност, за инвалидско и пензиско осигурување, како и за здравствено осигурување.  

„Се овозможува вработување на ранливата категорија на повозрасни работници исто така се овозможува уште една дополнителна цел која дава резултати, а тоа е обзебедување на социјална, материјална и економска сигурност на социјално ранливите категории и на инвалидните лица“, вели Живко Митревски, претседател на ССМ.

Според пресметките, од 27 до 37 проценти изнесува заштедата за едно отворено ново работно место од платата која што се исплаќа, односно за секоја приватна компанија заштедата во просек е околу 2.000 евра годишно.

„Работниците кои работат веќе во приватните компании нема зошто да стравуваат, бидејќи самиот пакет закони предвидува и нивна заштита“, изјави Диме Спасов , министер за труд и социјална политика.

Анализата покажала дека во текот на изминатиот период преку проектот „Македонија вработува“ биле отворени речиси 19.000 работни места.

 

Наташа Јанчиќ