Иванов: Бевме на чекор од отворен граѓански судир, дејствував превентивно
Бевме на чекор од отворен граѓански судир, дејствував превентивно, преземав контрола над наметнатата игра. Не дозволив Македонец да дигне рака на Македонец, оваа порака ја испрати претседателот Иванов во синоќешното обраќање до јавноста откако во Собранието не помина предлогот за импичмент поднесен од опозицијата. Вели дека бил свесен за ризиците, но посочи дека не тој, туку лидерите на СДСМ и на ДУИ ја нарушиле правната држава. За специјалното обвинителство оцени дека спроведува селективна правда...

Бевме на чекор од отворен и насилен граѓански судир, најавено од обвинетите во случајот „Пуч“. Во ваква сложена состојба, како Претседател, на располагање имав два уставни и законски инструменти - реактивен и превентивен, истакна претседателот Ѓорге Иванов во вечерашното обраќање до јавноста. Рече дека ги знаел ризиците од носењето на одлуката, но вели, подобро е да горат мои фотографии, отколку институциите на државата. Според Иванов, најбитно е што плановите за предизвикување конфликт биле растурени, а со тоа го превенирал загрозувањето на јавната безбедност. Иванов вели дека добил информации од разузнавачките служби, дека протестите биле однапред планирани и подготвувани.
„Во Македонија се води специјална војна како дел од стратегиите за предизвикување тензии и воспоставување постојани политички кризи со технички влади за неможност во справување со закани и доведување во положба на потчинетост. Договорот меѓу лидерите, се уште не е целосно исполнет и парламентарните избори се уште не се спроведени. Во недостиг на политичка програма и решенија за граѓаните, гледаме циркус во Собранието, театар на улиците од оние кои не ги признаваат и ги бојкотираат институциите, повикуваат на безредие и безвластие. Никому не му е забрането да протестира, да го искаже своето незадоволство од власта. Никому не му е оспорено правото јавно да го искаже своето мислење за кое било прашање во државата. Но, институциите мора да воведат ред. Никаде не се толерира хулиганство, вандализам и уништување на туѓиот имот. Секаде тоа се санкционира. И кај нас таквото насилство мора да престане“, рече претседателот Иванов.
Иванов рече дека граѓаните не смее да бидат заложник на неодговорни политичари. Посочи дека денес единствен аболициран политичар во Република Македонија е Зоран Заев и го повика за поднесе барање за повлекување на неговото помилување. Според Иванов, правната држава ја нарушиле лидерите на СДСМ и ДУИ, за кои вели дека наместо да седнат и да се договорат, трчале во амбасадите на странските држави.
„Правната држава, сувереноста и независноста ги загрозија овие двајца неодговорни политички лидери кои придонесоа да го добиеме договорот од Пржино и кои не се ни придржуваа кон тој договор. Специјалното јавно обвинителство кое се формираше ад-хок, со точно определна наменска цел, согласно договорот на политичките партии и од кое се очекуваше со својата работа да биде во функција на решавање на политичката криза, а не нејзино продлабочување, за жал, наместо да биде инструмент за правда, се покажа, нагласи, како инструмент за уцена. Од сите милион фајлови кои кажуваат дека ги имаат, ги одбра само оние кои се однесуваат на претставниците на власта, односно на ВМРО-ДПМНЕ. Селективниот прогон на СЈО создаде мачна атмосфера во општеството“, нагласи претседателот Иванов.
Претседателот Иванов изјави дека се што беше кажано од собраниската говорница по предлогот на опозицијата за негова одговорност, ќе остане запишано како сведоштво за односот на пратениците кон сопствената држава и кон сопствените институции.
Наташа Јанчиќ
