Британците гласат „за“ или „против“ ЕУ

23.06.2016 10:22

Британците денеска на референдум се изјаснуваат за останување или за излез од Европската Унија. Според анкетите, движењата „Бримејн“ и „Брегзит“ со речиси еднаков број поддржувачи. Ова е трето референдумско изјаснување во британската историја. Во 1975 година на тогашниот референдум мнозинството Британци решија нивната земја да остане членка на тогашната Европска економска заедница...

Граѓаните на Велика Британија гласаат на референдумот за иднината на земјата во рамките на ЕУ. Право на глас имаат над 46 милиони гласачи. Според последните анкети, бројот на двете страни за Брегзит беше изедначен. Клучните прашања во кампањата беа економијата и имиграцијата за коишто се водеше жестока дебата. Гласаат британските и ирските државјани, луѓето од Комонвелтот кои престојуваат во Велика Британија, граѓаните на Гибралтар и британските државјани во странство кои се во избирачките списоци во последните 15 години.

Премиерот Дејвид Камерон е поддржувач на „Бримејн“, односно контраструјата на Брегзит, со кое се бара продолжување на членството на Британија во Унијата.

„Да почувствував дека членството во унијата ни наштетува, веднаш ќе ви предложев да си заминеме. Но не е така. Членството ни ја зголемува моќта. Кога сме дел од овие организации, стануваме уште поголема сила во светот“, изјави Дејвид Камерон, премиер на Обединетото Кралство.

Еден од најголемите заговорници за излез е Најџел Фериџ кој тврди дека европското семејство брзо ќе се распадне. „Наредна членка која ќе си замине е Австрија“, нагласи лидерот на Партијата на независните на Обединетото Кралство.

„Поентата на референдумот е во тоа кој ги носи главните одлуки. Ако гласаме за излез, ние ќе бидеме главни, а нашата влада и пратениците ќе ни одговараат директно нам“, изјави Најџел Фериџ, лидер на УКИП.

Од Брисел веќе неколку пати предупредија дека ќе има последици и за Унијата и за Британија доколку биде изгласан Брегзит. Најголеми промени се очекуваат во политичките и безбедносните структури врз кои е заснован европскиот поредок по Втората светска војна и Студената војна.