Изборната трка во САД отвори дебата за демократските вредности

23.06.2016 10:56

Изборната трка во Соединетите Американски Држави отвори дебата меѓу кандидатите како да се зачуваат демократските вредности. Многу Американци го формираат своето мислење врз основа на социјалните мрежи и филмовите, па затоа професор по право оценува дека тоа е најдобриот начин за објаснување на овие вредности на гласачите...

Слобода, борба против злото и автотаризмот, право на избор и изразување, еднаквост меѓу луѓето без разлика на пол, вера, раса, религија и сексуална определеност, ова се вредностите на коишто се потсетуваат Американците за време на изборната трка. Професор по право на Хавард и поранешен советник во Белата куќа ги објаснува овие вредности во книга која прави споредба на реалниот живот со филмот „Ѕвездени војни„. САД се на страната на бунтовниците против империјата, а претседателските кандидати се идните лидери на слободниот свет. Според професорот којшто заедно студирал со актуелниот американски претседател Барак Обама, нема лоши претседателски кандидати, но малку е загрижен поради ставовите на Доналд Трамп.

„Не постои американски политички кандидат којшто е Сит лорд. Но, фер е да се загрижиме околу фактот што барем еден многу истакнат политички кандидат нема доволна почит кон институциите, што е движечка сила во Соединетите Американски Држави. Некои од неговите поддржувачи се повеќе привлечени од неговата сила и преземањето акција, отколку од републиканските процеси“, изјави Кас Санштајн-професор по право на универзитетот „Хавард“ и поранешен советник во Белата куќа.

Првиот филм од трилогијата „Ѕвездени војни“ е снимен во времето на Студената војна и војната во Виетнам, кога слободата и демократијата не биле универзално право. Оттогаш светот е многу изменет. Постигнат е технолошки напредок како во научнофантастичниот филм, но денеска злото е тероризмот и режимите, против кои мнозинството Американци веруваат дека треба да се борат.

Јавното мислење во САД во голема мера се формира врз основа на филмовите што ги произведува Холивуд.

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ