Отворен комплексот „Македонско село“
Се протега на површина од 12 илјади квадратни метри, изграден во стилот на традиционалната македонска архитектура, со автентични куќи од различни краишта на земјава. Има сместувачки капацитет за сто гости, хотел, ресторан и други содржини.

Комплексот „Македонско село“ во скопско Нерези и официјално е отворен за посетителите. Се протега на површина од 12 илјади квадратни метри, изграден во стилот на традиционалната македонска архитектура, со автентични куќи од различни краишта на земјава. Има сместувачки капацитет за сто гости, хотел, ресторан и други содржини.
Лела Крстевска, директор на Агенцијата за промоција на туризмот, рече дека ќе се погрижат да ја поддржат работата на „Македонско село“ со тоа што ќе го нудат во своите промотивни брошури и ќе го претставуваат на туристичките саеми.
Минатата година безмалку половина милион странски туристи ја посетиле Македонија и, за жал, немаа можност да го видат ова што денеска ние го гледаме. Овој прекрасен комплекс ќе значи збогатување на понудата на македонскиот туристички производ, со кој ќе се гордееме на сите саеми и манифестации каде што Македонија се претставува како туристичка дестинација, рече Крстевска.
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на отворањето истакна дека „Македонско село“ е еден од покрупните камења во големиот мозаик што Владата го гради во изминатите 10 години за да направи успешна туристичка приказна. „Македонско село“, рече тој, им нуди на странските гости за кратко време на едно место да ја видат цела Македонија во мало, нејзината историја, традиција, архитектура, култура и да уживаат во гастрономијата и македонското вино.
