„Бримејн“ или „Брегзит“: Британците одлучуваат за иднината!

23.06.2016 12:06

Неколку клучни играчи на политичката сцена во Обединетото Кралство веќе го остварија своето право на глас на референдумот со кој се решава иднината на земјата во Европската Унија. Невремето што го зафати островот- закана за одзивот на гласачите...

Граѓаните на Велика Британија гласаат на референдумот за иднината на земјата во рамките на ЕУ. Лидерот на Лабуристичката партија Кобрин, премиерот Камерон и првата шкотска премиерка Стерџон веќе го остварија своето право на глас.

На референдумот гласаат над 46 милиони граѓани, вклучувајќи ги Британците, Ирците, луѓето од Комонвелтот со престој во Велика Британија, граѓаните на Гибралтар и Британците во странство кои се на избирачките списоци во последните 15 години.

Според аналитичарите, невремето што го зафати островот би можело да влијае врз одзивот на гласачите кој е клучен за референдумот поради речиси изедначениот процент на приврзаници и противници на Брегзит на последните анкети. Гласачките места ќе бидат отворени до 21 часот по Гринич, а првите резултати се очекуваат утре.

Клучните прашања во кампањата беа економијата и имиграцијата за коишто се водеше жестока дебата.

Премиерот Дејвид Камерон е поддржувач на „Бримејн“, односно контраструјата на „Брегзит“, со кое се бара продолжување на членството на Британија во Унијата.

„Ако почувствував дека членството во Унијата ни штети, веднаш ќе ви предложев да си заминеме. Но не е така. Членството ни ја зголемува моќта. Кога сме дел од овие организации, стануваме уште поголема сила во светот“, изјави Дејвид Камерон, премиер на Обединетото Кралство.

Еден од најголемите заговорници за излез е Најџел Фериџ, кој тврди дека европското семејство брзо ќе се распадне. „Наредна членка која ќе си замине е Австрија“, нагласи лидерот на Партијата на независните на Обединетото Кралство.

„Поентата на референдумот е во тоа кој ги носи главните одлуки. Ако гласаме за излез, ние ќе бидеме главни, а нашата влада и пратениците ќе ни одговараат директно нам“, изјави Најџел Фериџ, лидер на УКИП.

Од Брисел веќе неколку пати предупредија дека ќе има последици и за Унијата и за Британија доколку биде изгласан Брегзит. Најголеми промени се очекуваат во политичките и во безбедносните структури врз кои е заснован европскиот поредок по Втората светска војна и Студената војна.