Промовиран проект за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион
Преку ИПА фондовите до решавање на проблемот со управување на цврстиот отпад во Источниот и во Североисточниот регион. Реализацијата треба да почне 2018-та, а дотогаш со техничка помош од ЕУ треба да се подготви потребната документација. За проектот ќе можат да се повлечат 25 до 35 милиони евра...

Со европски пари и знаење два региона, Источниот и Североисточниот, ќе израдат интергиран и финансиски одржлив систем за управување со отпад. Оваа и наредната година со техничка помош ќе се подготват сите потребни документи, анализи, студии, тендерски услови што ќе овозможат успешно аплицирање и повлекување на средства од ИПА фондовите на ЕУ.
„Догодина ние ќе аплицираме во ЕУ за инфраструктурни објекти каде што ќе почнеме да ги градиме долгоочекуваните трансфер станици, стандардни депонии, опреми за собирање, селектирање и третман на цврстиот отпад. Тоа значи и поголем развој и создавање услови за појавување рециклажни погони и нови вработувања“, изјави Стево Темелковски, заменик- министер за животна средина и просторно планирање.
Од делегацијата на Европската унија велат дека управувањето со отпадот е предуслов за заштита на јавното здравје, затоа што влијае на воздухот, водата и на почвата. Преку проектот, трајно ќе се реши проблемот со управување со цврстиот отпад, односно ќе се обезбеди негово селектирање, рециклирање и трајно депонирање.
„Имајќи предвид дека ќе ги покриеме сите потреби и барања што ги имаат двата региона истовремено, сметам дека средствата што ќе бидат инвестирани и потрошени во овој проект ќе бидат во износ помеѓу 25 и 35 милиони евра“, вели Антонис Мавропулос- тим лидер на проектот на ЕУ.
Македонија треба да обезбеди управување со отпадот според сите еу директиви и усогласеното национално законодавство. Проектот ќе овозможи затворање на сегашните несанитарни општински и диви депонии. Регионалниот пристап ќе обезбеди и помалите општини да учествуваат во инвестирање во новите депонии, а поддршката преку ИПА во износ до 35 милиони евра, ќе го направи трошокот поднослив за државниот и за локалните буџети.
Свето Николовски
