Аневски: Јанева да соработува со Советот на јавни обвинители заради владеењето на правото

23.06.2016 14:14

Тој при претставувањето на извештајот на Советот во собранието, ја повика Јанева на соработка, за како што рече, заедничко постигнување на владеењето на правото.

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски, смета дека во моментов во Македонија има две јавни обвинителства и оти не знае како во иднина, Специјалното јавно обвинителство, предводено од Катица Јанева, ќе се вклопи во јавнообвинителскиот систем во земјата. Тој при претставувањето на извештајот на Советот во собранието, ја повика Јанева на соработка, за како што рече, заедничко постигнување на владеењето на правото.

„Не знам како ќе се вклопи Специјалното јавно обвинителство во иднина во јавнообвинителскиот систем бидејќи Уставот како највисок правен акт предвидува во член 106 дека Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела со закон. Во овој случај сега имаме на еден начин две јавни обвинителства“, рече Аневски.

Ако го прочитате добро член 7 особено ставот 3, и ставот 1, кажува дека тоа обвинителство одговара пред Собранието, а за својата професионалност, стручност и за законските дејствија што ги презема ќе одговара пред Советот на јавни обвинители. Ние ја почитуваме автономијата, меѓутоа таа мора да го почитува член 7 став 3, рече Аневски. Кажа дека иако била повикувана Јанева дошла на само една седница кога информирала дека нема да одговара на прашања и да присуствува на работата на Советот.