Јанкулоска: Се потврди дека СЈО функционира како продолжена рака на опозицијата

23.06.2016 14:32

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на распит во кривичниот суд како трето осомничена во предметот „Тврдина“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство. По тричасовниот распит изјави дека нема направено никакви кривични дела. Специјалното обвинителство побара изземање на судијата...

„Денеска се потврди дека Специјалното јавно обвинителство функционира како продолжена рака на опозицијата“, изјави поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска по распитот за случајот „Тврдина“. Вели дека барањето за изземање на судијата од процесот е од политички  мотивирани причини.

Според Јанкулоска, нема докази кои би оделе во корист на СЈО, а на нејзина штета, и смета дека нема ниту аргументи да бараат мерки за претпазливост. Вели дека без оглед на механизмите што ги користи Специјалното обвинителство, ќе биде достапна секогаш кога ќе биде повикана во судот.

Од Кривичниот суд информираат дека распитот на Јанкулоска бил прекинат поради тоа што Специјалното јавно обвинителство побарало изземање на судијата.. Претседателот на Скопска единица треба да се произнесе во  рок од три дена по добивањето на барањето за иземањето на судијата.

 

Наташа Гркова- Петрушевска