Британиците одлучуваат - „за“ или „против“ ЕУ

23.06.2016 14:43

Неколку клучни играчи на политичката сцена во Обединетото Кралство веќе го остварија своето право на глас на референдумот со кој се решава иднината на земјата во Европската Унија. Невремето што зафати дел од островот- закана за одзивот на гласачите...

Граѓаните на Велика Британија гласаат на референдумот за иднината на земјата во рамките на ЕУ. Неколку клучни играчи на политичката сцена веќе го дадоа својот глас.

На референдумот гласаат над 46 милиони граѓани, вклучувајќи ги Британците, Ирците, луѓето од Комонвелтот со престој во Велика Британија, граѓаните на Гибралтар и Британците во странство кои се на избирачките списоци во последните 15 години.

Според аналитичарите, невремето во југоисточна Англија и Лондон би можело да влијае врз одзивот на гласачите кој е клучен за референдумот поради речиси изедначениот процент на приврзаници и противници на Брегзит на последните анкети. Гласачките места ќе бидат отворени до 21 часот по Гринич, а првите резултати се очекуваат утре. Победува страната која ќе освои над 50% од вкупниот број гласови.

Клучните прашања во кампањата беа економијата и имиграцијата за коишто се водеше жестока дебата.

Премиерот Дејвид Камерон е поддржувач на „Бримејн“, односно контраструјата на Брегзит, со кое се бара продолжување на членството на Британија во Унијата.

„Ако почувствував дека членството во Унијата ни штети, веднаш ќе ви предложев да си заминеме. Но не е така. Членството ни ја зголемува моќта. Кога сме дел од овие организации, стануваме уште поголема сила во светот“, изјави Дејвид Камерон, премиер на Обединетото Кралство.

Еден од најголемите заговорници за излез е Најџел Фериџ, кој тврди дека европското семејство брзо ќе се распадне. „Наредна членка која ќе си замине е Австрија“, нагласи лидерот на Партијата на независните на Обединетото Кралство.

„Поентата на референдумот е во тоа кој ги носи главните одлуки. Ако гласаме за излез, ние ќе бидеме главни, а нашата влада и пратениците ќе ни одговараат директно нам“, изјави Најџел Фериџ, лидер на УКИП.

Од Брисел веќе неколку пати предупредија дека ќе има последици и за Унијата и за Британија доколку биде изгласан Брегзит.Претходно претседателот на Европската Комисија Јункер изјави дека одлуката на референдумот на 23 јуни е конечна за Британија. На денот на референдумот, Комисијата не даде дополнителни коментари.

„Не сакам да додавам, одземам или толкувам што рекол претседателот Јункер. Нема да го коментирам референдумот во Британија. Единствените кои зборуваат денеска се граѓаните на Обединетото Кралство“, изјави портпаролот на ЕК, Маргаритас Схинас.

Најголеми промени се очекуваат во политичките и во безбедносните структури, врз кои е заснован европскиот поредок по Втората светска војна и Студената војна.