Британците ја напуштаат ЕУ, Камерон си поднесе оставка
Британскиот премиер Дејвид Камерон си поднесе оставка по вчерашниот референдум на кој мнозинството Британци се изјаснија за напуштање на Европската Унија. Според резултатите од преброените гласови од сите избирачки окрузи, 17 милиони 410 илјади 742 избирачи или 51,9 насто се изјасниле за излез на Велика Британија од ЕУ, додека 16 милиони 151 илјада 241 или 48,1 проценти гласале за останување на земјата во Унијата. Одѕивот на референдумот бил 71,8 насто, што претставува највисока излезност на некое гласање во Велика Британија од парламентарните избори во 1992 година...

Обединетото Кралство гласаше за излез од Европската Унија. Поддржувачите на Брегзит водат со 51,9% од гласовите по вчерашниот историски референдум.
Конечните резултати во Шкотска и во Северна Ирска покажуваат дека мнозинството жители се изјасниле за останување во ЕУ. 96% од граѓаните на Гибралтар гласаа исто така за продолжување на членството во Унијата. За разлика од нив, жителите на Велс се изјаснија за Брегзит.
Премиерот Дејвид Камерон гласаше за продолжување на членството во Унијата. Неговиот главен опонент во кампањата, лидерот на Партијата на независните Најџел Фараж побара итна оставка од Камерон.
„Ова е победа на обичниот народ, на чесниот народ. Се боревме против мултинационалистите, против големите банки, против политиката. Денес победи нацијата на искреноста, достоинственоста и вербата. Ајде да се ослободиме од знамето, химната, Брисел и се што пропадна. 23 јуни да се запише како ден на независноста во нашата историја“, рече Најџел Фараж, лидер на Партијата на независните.
Фараж ги обвини сегашниот премиер и неговите претходници Браун и Блер што неодговорно му дозволиле влез на бегалскиот бран кој му наштетил на животот на обичниот народ во земјата. За шефот на кампањата за излез, Гизела Стјуарт, иако е ова шанса за Обединетото Кралство да си ја врати контролата, соработката со Европа ќе продолжи.
„Сакам да им биде јасно на сите колеги во Европа дека Британија е отворено општество кое ќе продолжи да соработува со европските земји на меѓународно ниво“, рече Гизела Стјуарт, лидер на кампањата за излез од ЕУ.
По референдумот, вредноста на фунтата опадна на рекордно ниско ниво во однос на доларот по 1985 година. Најголеми промени се очекуваат во политичките и во безбедносните структури, врз кои е заснован европскиот поредок по Втората светска војна и Студената војна.
„Велика Британија веќе 40 години се двоумеше дали треба да биде полноправна членка или не. Сега ни е јасно, решија да си заминат и да тргнат по својот пат. Економските податоци веќе покажуваат дека не чека тежок пат. За преостанатите членки на ЕУ, ова значи дека нема веќе заедно да се справуваме со реформите против невработеноста, социјалната правда, даноците и бегалската криза“, изјави претседателот на ЕП, Мартин Шулц.
Излезот на Обединетото Кралство ќе се одвива постепено. Наесен ќе почнат преговорите во Брисел за официјалниот излез од ЕУ и дефинирањето на натамошните односи на Обединетото Кралство. По две години, земјата веќе нема да биде обврзана со постојните договори на Унијата освен ако заедно со 27-те земји членки не се договори да ги продолжи преговорите.
Полиитчарите во Унијата стравуваат дека и други земји ќе го следат примерот на Брегзит. Лидерката на Националниот фронт на Франција Мари Ле Пен веќе повика да се организира референдум и во нејзината земја за ослободување од, според неа, тоталитарниот Брисел. Холандскиот политичар Герт Вилдерс побара гласање за излез на Холандија од Унијата под називот т.н. „Негзит“.
