Историски референдум: Велика Британија на „непозната територија“

24.06.2016 13:07

Британскиот премиер Дејвид Камерон си поднесе оставка по вчерашниот референдум на кој мнозинството британци се изјаснија за напуштање на Европската Унија. Одѕивот на референдумот бил 71,8 насто, што претставува највисока излезност на некое гласање во Велика Британија од парламентарните избори во 1992 година...

Обединетото Кралство гласаше за излез од Европската Унија. Поддржувачите на Брегзит победија со 51,9% од гласовите на вчерашниот историски референдум. Конечните резултати во Шкотска и во Северна Ирска покажуваат дека мнозинството жители се изјасниле за останување во ЕУ.  96% од граѓаните на Гибралтар гласаа исто така за продолжување на членството во Унијата. За разлика од нив, жителите на Велс се изјаснија за Брегзит. 

Поради резултатите од референдумот, премиерот Дејвид Камерон кој гласаше за останување во Унијата, поднесе оставка. Според прогнозите на британската компанија за обложување „Ледброукс“, фаворит за негов наследник е поранешниот градоначалник на Лондон и лидер на кампањата за Брегзит, Борис Џонсон.

„Сега кога одлучивме да заминеме, мора да го најдеме најдобриот начин за тоа. Ќе направам се што можам да помогнам. Ја сакам оваа земја и почестен сум што и служев. Ќе продолжам и во иднина да давам се од себе за напредокот на оваа голема земја“, рече Камерон.

Неговиот главен опонент во кампањата, лидерот на Партијата на независните Најџел Фараж побара нов премиер и влада коишто ќе се залагаат за Брегзит.

„Денес победи нацијата на искреноста, достоинственоста и вербата. Ајде да се ослободиме од знамето, химната, Брисел и се што пропадна. 23 јуни да се запише како ден на независноста во нашата историја“, рече Најџел Фараж, лидер на Партијата на независните.

За шефот на кампањата за излез, Гизела Стјуарт, иако е ова шанса за Обединетото Кралство да си ја врати контролата, соработката со Европа ќе продолжи.

„Сакам да им биде јасно на сите колеги во Европа дека Британија е отворено општество кое ќе продолжи да соработува со европските земји на меѓународно ниво“, рече Гизела Стјуарт, лидер на кампањата за излез од ЕУ.

Референдум за независност најавува и Шкотската национална партија, изјави поранешниот шкотски премиер Алекс Салмонд. Тој нагласи дека сегашната лидерка на СНП и премиерка на Шкотска, Никола Стeрџoн ќе инсистира на втор референдум за независност на Шкотска.

„Не е ништо чудно што Шкотска гласаше да останеме, а поголемиот дел од Обединетото Кралство да излеземе. Ние може да имаме референдум за независност и да побараме да ни се придружат Северна Ирска и Лондон. Мислам дека вториот референдум може да биде успешен,“

„Очекувам втор референдум за Шкотска. Гласаа за останување во Унијата, па сега мора да имаме втор референдум“, велат граѓаните.

Политичарите во Унијата стравуваат дека и други земји ќе го следат примерот на Брегзит. Лидерката на Националниот фронт на Франција Мари Ле Пен веќе повика да се организира референдум и во нејзината земја за ослободување од, според неа, тоталитарниот Брисел. Холандскиот политичар Герт Вилдерс побара гласање за излез на Холандија од Унијата под називот т.н. „Негзит“.

По референдумот, вредноста на фунтата опадна на рекордно ниско ниво во однос на доларот по 1985 година. Најголеми промени се очекуваат во политичките и во безбедносните структури, врз кои е заснован европскиот поредок по Втората светска војна и Студената војна.

Излезот на Обединетото Кралство ќе се одвива постепено. Наесен ќе почнат преговорите во Брисел за официјалниот излез од ЕУ и дефинирањето на натамошните односи на Обединетото Кралство. По две години, земјата веќе нема да биде обврзана со постојните договори на Унијата освен ако заедно со 27-те земји членки не се договори да ги продолжи преговорите.