Битола живее со „Шекспир фестивал“

24.06.2016 13:28

На сцената на Народниот театар во Битола синоќа е отворено четвртото издание на интернационалниот „Битола Шекспир фестивал“. Квалитетната програма обезбеди место кај публиката и стана дел од мозаикот на европското семејство на Шекспир фестивали...

„Шекспир форевер“ е музичко сценскиот перформанс со којшто беше отворен четвртиот меѓународен „Битола Шекспир фестивал“ на четиристотини години по смртта на големиот драматург Вилијам Шекспир. Сцената збогатена и со музичка изведба на култната битолска група „Фолтин“, како и со познати актерски имиња, создаде воодушевувачки амбиент во којшто уживаше бројната публика. На репертоарот на овогодишното издание предвидени се зголемен број претстави.

Новост е што, овогодишниот фестивал по него ќе остави два копродукциски проекти. Еден во соработка меѓу Битолскиот и Рускиот театар „Вера Комисаевскаја“, а вториот насловен „Сонети на летната ноќ“, копродукција меѓу Санта Барбара, Литмунд театарот и Битолскиот народен театар.

Десетте претстави на „Битола Шекспир фестивалот“ публиката ќе може да ги проследи бесплатно.

Квалитетната програма стана златен билет за влез на „Битола Шекспир фестивалот“, во Европското семејство на Шекспирови фестивали.