Промовиран првиот електричен картинг- Феитмобил
Се напојува со батерии, а моторот има моќност од 2,5 киловати. Може да се движи околу половина час.

15 студенти од Факултетот за електротехника го претставија првиот електричен картинг во Македонија. Наречен е „Феитмобил“. Се напојува со батерии, а моторот има моќност од 2,5 киловати. Може да се движи околу половина час.
Електричниот картинг се реализира во рамки на проектот „Проектирање и реализација на електрично возило“ на тимот ЕЛ-КА, започнат во октомври минатата година, финансиски поддржан од ФЕИТ и од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Горди сме на тимот од 15 студенти од студиската програма Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија, кои успеаја за неполни десет месеци да го креираат ова картинг возило. Тие секојдневно работеа на неговата реализација, под менторство на професор од ФЕИТ. Целта на проектот е да се изработи електричен картинг кој ќе биде погонуван од електричен мотор напојуван од акумулаторски батерии, изјави Христина Спасевска, продекан за настава на ФЕИТ.
Посочи дека секогаш се подготвени, на секој можен начин, да ги поддржат студентските иницијативи и да дадет придонес во развојот на технологијата во Македонија.
Проектот ќе се реализира во неколку фази во времетраење од три години.
