Димитриев: Продолжуваме со проектите за подобрување на условите за живот на граѓаните

24.06.2016 14:52

Премиерот Емил Димитриев денеска беше во Општина Петровец каде се отвори новата детска градинка со капацитет за згрижување 80 деца. Владата, рече Димитриев ќе продолжи со проектите во Петровец за подобрување на условите за живот на граѓаните. Продолжува инвестицискиот циклус во кои се подобрува инфраструктурата, водоводната и канализациона мрежа во општината, а сѐ поголем е бројот на инвеститори во зоните Чојлија и Ржаничино...

17 компании градат, уште две со најава дека ќе почнат во индустриската зона Чојлија во Петровец. Премиерот Димитриев вели дека владата ќе продолжи со поддршката за подобрување на условите за животот во Општината. Во зоната во Ржаничино засега се продадени 17 парцели.

„Четири проекти во вредност од еден милион евра инвестициски циклус, кој се случува со години во општината и преку кој значително се подобрија условите за живот во Петровец“, изјави премиерот Емил Димитриев.

Денеска во Петровец пуштена во употеба новата детска граинка која има капацитет за 80 деца. Инвестицијата чини 15 милиони денари и е дел од проектот во кој досега се изградени 48 нови објекти.

„Дополнително со поттикот кој го даваме на приватните инвеститори за отворање приватни детски градинки преку пакетот поволности и финансиската поддршка успеавме бројот на запишани деца од 2006 досега скоро трикратно да го зголемиме“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

„За пет дена ќе биде пуште во употреба водоводот во Дивље, за 15-20 дена ќе започнеме со изградба на втората фаза од канализацијата во Катланово, исто така ќе започнеме со изградба на фудбалско игралиште во Сушица“, изјави градоначалникот на Петровец, Борче Митевски.

До крајот на годината се очекува да бидат отворени уште најмалку 10 нови градинки.

 

Миле Ристески